Разликите меѓу македонскиот и бугарскиот се големи и системски, резултат на вековни дивергентни процеси што се непобитна реалност

Македонскиот јазик со целата своја многуфункционалност на стандарден јазик, силата на зборовите и граматичките парадигми ги црпел и сè уште ги црпи од дијалектната разновидност, односно од богатството на дијалектите, вели Институтот за македонски јазик во реакцијата на најновите напади од Бугарската академија на науките врз македонскиот јазик.

На 7 мај 2020 година беше промовирано најновото издание на БАН со наслов „За официалния език на Република Северна Македония“ потпишано од 12 автори и 6 надворешни консултанти, а под раководство на проф. д-р Васил Николов, заменик-претседател на Бугарската академија на науките.

Главните тези на оваа книшка ни се добро познати зашто претставуваат официјален став на бугарската лингвистичка наука за наводното „непостоење“ на македонскиот јазик, кој е побиен повеќепати со научни аргументи (Конески Б. По повод најновиот напад на нашиот јазик, Скопје 1948; За македонскиот јазик, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Посебни изданија, кн 11, Скопје 1978; Стаматоски, Т. Борба за македонски литературен јазик, Скопје 1986; Минова-Ѓуркова Л. Македонски јазик, Ополе 1998.).

По брзиот прочит (се работи за книшка од вкупно 68 страници со многу фотографии), може да се забележи дека информациите главно се паушални и тенденциозни, без цитирање соодветна литература, направен е избор на „подобни“ личности од Македонија што се анализираат, се обвинуваат познати македонски лингвисти за плагијат и ненаучни толкувања без соодветна поткрепа, се воспеваат потпросечни македонски писатели како прочуени зашто имале пробугарски ставови, па дури и се даваат насоки за македонските научници како треба да пишуваат и каков треба да биде македонскиот јазик во иднина. Згора на сè, се промовира и ново име на македонскиот јазик, а тоа е северномакедонски бугарски јазик.

Во вкупно 11 поглавја, поголемиот дел насловени како „Вистината за...“, ни се нудат искривени факти за историјата на македонскиот јазик, за имињата, за „бугарските“ книжевници од преродбата, за создавањето на книжевната норма, за „бугарската“ природа на македонските дијалекти итн. Книшката започнува со тезата дека „официјалниот јазик на Република Северна Македонија по своето потекло и структурно-типолошки карактеристики е југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик“ (с. 7), термин што не постои во лингвистиката како наука, и понатаму се дадени „аргументите“ што, според нив, ја докажуваат таа теза. Овде накратко ќе се осврнеме на ненаучноста на тие „аргументи“.

 

За историјата на македонскиот јазик

Старословенскиот, најстариот словенски книжевен јазик има огромно значење за развојот на словенските јазици. Во основата на старословенскиот јазик е солунскиот говор, односно говорот на македонските Словени од околината на Солун, врз основа на кој е создадено првото словенско писмо глаголицата. Глаголските старословенски ракописи (на пр. Зографско, Асеманово и Мариинско евангелие и др.), според локалните особености, ја потврдуваат поврзаноста со македонската територија.

Во современата палеославистика за јазикот на словенските ракописи од IX до XI век (познат како канонски) е прифатен терминот старословенски / староцрковнословенски, а терминот „старобългарски“ е единствен термин употребуван од бугарските слависти. Неосновано е укажувањето за употребата на старо/ и новомакедонски (с. 11), зашто во македонската лингвистика воопшто не е позната употреба на терминот старомакедонски за јазикот од IX до XVIII век, ниту пак терминот новомакедонски за периодот од XIX век.

Во врска со средновековното ракописно наследство поврзано со дејноста на Охридската и на Кратовската книжевна школа, се употребува терминот црковнословенски јазик од македонска редакција. За словенската писменост веќе од XII век станува збор за црковнословенски јазик (во бугарската славистика „среднобългарски“) во кој навлегуваат голем број локални особености – се изделуваат одделни редакции, меѓу кои покрај бугарската се изделува и македонска редакција, пред сè, врз основа на правописните, фонетските и лексичките и др. особености.

На македонските особености на одделни црковнословенски ракописи се укажува одамна, на пр. во студиите за Добромировото евангелие (Jagić 1898), Болоњскиот псалтир (Щeпкин 1906), Охридскиот апостол (Кульбакин 1907). Во МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и др., издадени се повеќе ракописи во коишто е одразена македонската редакција на црковнословенскиот јазик, на пр. Струмички апостол, Григоровичев паримејник, како и Вранешнички апостол, Радомирово евангелие, Радомиров псалтир, Загрепски триод, Орбелски триод, Македонско четвороевангелие, Карпинско евангелие и др., со јазична анализа што го потврдува нивното македонско потекло.

Неоспорен факт e дека за македонската средновековна писменост е карактеристична конзервативноста, верноста кон кирилометодиевската традиција – глаголицата подолго се одржала, за што сведочат глаголските вметнувања во кирилските ракописи (Охридски апостол, Битолски и Шафариков триод и др.).

Ако доказ за „бугарскиот карактер“ на старословенскиот јазик се открива во двотомниот „Старобългарски речник“, потврда за посебноста на македонската редакција претставува „Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“, меѓународно координиран проект преку Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет. Речникот ја опфаќа лексиката нa македонската писменост од XII дo XVI вeк, а методолошки се надоврзува на четиритомниот „Речник на старословенскиот јазик“. За редакциските речници се оформени посебни правила за правописно-фонолошка и граматичка презентација, а иако основниот лексички фонд има општословенски карактер, голем број ретки лексеми, временски или регионално обележани, одразуваат карактеристики на одделни словенски средини, па и на македонската.

Во рамките на Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет се работи на „Споредбен индекс кон речниците обработувани во рамките на Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет“.