Разбеснет бик бркал маж и жена низ овоштарник, сопственикот вели животното не било агресивно

Младиот сточар Марјан Стојов од делчевското село Град е еден од ретките кој одгледува повеќе грла добиток и е задоволен од поддршката што им се дава на сточарите. Покрај крупен добиток одгледува и млади јунци, како и млади цицалчиња.

Задоволен е од цената за произведеното млеко и додава дека мора да се работи бидејки е татко на три деца, а во одгледувањето му помагаат сопругата и неговите родители.

- Имам околу 17 молзни крави и 38 телиња. Вршам и товење на јунци, имам околу десетина со тежина од 300 кила и неколку цицалчиња на млеко што ги појам. Млекото што го произведуваме го даваме на млекара, а во моментот како што може да видите, обезбедуваме храна за прехрана на стоката. Малку е напорно ама мора да се работи. Цената на млекото за мене е добра, 30 денари го плаќаат луѓето редовно, од државата субвенциите ги пуштаат редовно, ако така продолжат ќе работиме, нема каде да одиме, вели Стојов.

Во делчевското село Град, освен Стојов со сточарство се занимаваат уште десетина семејства, за разлика од пред 20 и повеќе години кога домашни животни одгледувале речиси секое трето семејство.

Она што неодамна му го наруши мирот на младиот сточар е немил настан пријавен до делчевската полиција во кој негов бик нападна брачен пар во нивниот овоштарник во село Град. При нападот, како што стои во информацијата од полицијата, домашното животно оштетило дел од овоштарникот на сопружниците, како и нивниот автомобил што се наоѓал во близина.

- Во понеделник во 15.20 часот во СВР Штип било пријавено дека во нива на место викано „Низамски ниви“ во с.Град, делчевско,  С.С. и неговата сопруга Ј.С. биле нападнати од бик, сопственост на соселанецот М.С., при што биле направени оштетувања на овоштарникот и на нивното возило. Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Делчево, при што се работи на комплетирање на случајот, а против М.С. е поднесена соодветна пријава, се вели во пријавата поднесена до делчевската полиција.

Сопственикот на домашното животно, потврди дека откако бил известен, заедно со полицијата излегле на лице местото каде се случил немилиот настан. Не отфрла одговорност и посочува дека полицијата е таа која треба да открие дали има прекршок и доколку е така апелира да превземат соодветни мерки.

- Ако има некој прекршок нека ме гонат, ако оштетените ако имаат штета исто така нека ме гонат прекршочно. Јас ако сум виновен ќе одговарам, но како што кажав за однесувањето на самиот бик имам сведоци од Илиово до Истевник. Не барам од никој привилегии ни врски, само сакам нека да дојдат сите во судот и да ја кажат како се однесувал бикот, дали бил агресивен или не, кога ги осеменувал кравите, додава Стојов.

Со сигурност тврди дека досега неговиот бик нема направено штета никому, за што како сведоци ги повика луѓето кои ги побарале неговите услуги при оплодување на кравите.

- Мојот бик што го чувам на ланец во цело Делчево од Илиово до Стар Истевник сите крави ги има изводено, со камиончето самиот го носам бикот ги осеменува кравите и пак си гo враќам назад. На никој досега не правел ништо може да ги прашате сите фармери дали нападнал некој газда да го брка или направил некој инцидент. Слободно од Илиово до Истевник може сите да ги прашате, а највеќе во село Вирче каде кравите се на мојот бик осеменети, вели пријавениот сточар Марјан Стојов.

Дописникот на МИА стапи во контакт и со лицето С.С кое го пријави случајот опишувајки го немилиот настан што се случил во близина на неговиот овоштарник.

- Тоа што се случи е голема траума за мене и сопругата, 45 минути како да бевме во Шпанија. Доживеавме големи трауми, имаме документи од брза помош извадено лекарско со записник, ставени инјекции, преглед од психијатар, извршен беше увид од самата полиција кои беа на лице место на самиот овоштарник. За самото лице не знам што да кажам, во тој момент се однесуваше некултурно со дофрлање погрдни зборови, иако лично не се сретнавме потоа за да кажеше барем „извинете". Значи тој стрес што го доживеавме е голем, ќе биде гонет кривично, а и приватно од наша страна. Мое мислење е дека тој бик еден ден ќе отепа некого, нас не не отепа, ама ќе отепа друг сигурно, бидејки има случаи кога напаѓал и други лица од селото, вели С.С.

Во делчевското село Град ова е прв ваков случај на пријава со учество на домашни животни. Село Град е село во кое освен Стојов со сточарство се занимаваат уште десетина семејства, за разлика од пред 20 и повеќе години кога домашни животни одгледувале речиси секое трето семејство.