Расте бројот на заболени од сезонски грип во земјава, но засега бројката не е така висока и немаме епидемија, како што е прогласена во соседните земји каде има и многу заразени и починати. Во Македонија вкупниот број на заболени во оваа сезона достигна 9.314лица.

Во последната недела, до 17 февруари годинава Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрирал 2.943 новозаболени што во однос на претходната недела кога беа заболени 2.246 лица се забележува раст од 31%. Додека во регионот има вистинска епидемија на грип во Македонија се уште не е достигнат пикот, бидејќи доколку се спореди со истиот период лани бројот на заболени од инфлуенца е намален за 23,5%.
Од Институтот сметаат дека оваа сезона се одликува со задоцнет старт, па затоа се очекува во следните недели да има поголем број на грипосани.
Годинава регистрирани се неколку видови на грип и тоа инфлуенца А(Х1)пдм во 75 отсто од случаите, додека останатите заболени се од инфлуенца А(Х3) и инфлуенца А.

Најголем број заболени над 60% се пријавени од најголемата возрасната група од 15-64 години, а според бројот на жители најмногу грипосани има во Струмица, Дебар, Кратово и Кавадарци, но на листата според вкупниот број на заболени води Скопје, Гостивар, Битола и Тетово.
Годинава како последица на грипот во земјава починаа две лица и тоа 25-годишна девојка од Охрид и петгодишно дете од Скопје. Лекарите потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се вкупно 19.992 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања) што е 71,4% од вкупниот број на набавени вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, вакцинирани се 19.348 лица, а најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години или 10.977 лица или 56,7%, на возраст од 30-64 години – 7.370 лица или 38,1%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 196 или 1,0%. Вакцинирани се 4 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирано е 801 лице или 4,1%. Оваа сезона нема вакцинирани бремени жени.

Заради зголемените потреби на пациентите болни од грип и мали сипаници во месец февруари, како и да можат да ги подигнат лековите на рецепт Фондот за здравствено осигурување донесе одлука за линеарно зголемување на квотите за дополнителни 12.000 денари за секоја аптека, освен за аптеките со максимална месечна квота од 650.000 денари за месец февруари.

Трудница во осми месец почина од грип во Србија

Дваесет и деветгодишната жена од Ужице, Србија, е погребана на градските гробишта во родниот град. Како што пренесува „Телеграф“, пациентката која била во осмиот месец од бременоста починала на 18 февруари во белградската болница, по компликации предизвикани од грип.
Во Србија е прогласена епидемија од грип и досега битката со болеста ја загубија повеќе од 30 лица, а над 105.000 лица се разболеа од инфлуенца. Заради превентива учениците се на принуден распуст и најверојатно ќе бидат уште една недела.
И во Хрватска состојбата е критична. Хрватските здравствени власти посочуваат дека се соочуваат со најсилниот грип во последните пет години во таа земја, каде за седум седмици заболеа над 53.000 лица, а 88 лица починаа од компликации со грип. Најголемиот број од починатите се лица постари од 65 години.
Во Романија пак од грип досега починаа 135 лица од кои најмладото починато лице имало 26, а најстарото 87 години.