Расте бројот на инфицирани деца со ковид-19, најголем дел се заразиле на летен одмор

Дневно се прегледуваат по дваесетина деца што се заразени со ковид-19 во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле – Скопје. Таму во моментот се хоспитализирани седум деца со коронавирус. Сите се помали од три години и во болницата се примени во придружба на родител.

Според податоците, од изминатата недела во болницата има зголемен број заразени. Речиси во сите случаи, покрај децата позитивни се и родителите, кои или сами или со децата патувале надвор од државата.

„Бројот на прегледи на дневно ниво се движи од 60 до 80. Болницата не е ковид-центар, но ги примаме и овие случаи. Би упатил апел до родителите да внимаваат малку повеќе, а особено оние кои патуваат надвор од државата. Најголем процент од децата кои доаѓаат на преглед или се хоспитализирани патувале во странство и постои можност таму да се заразиле“, посочува д-р Бесник Зеќири, директор на детската болница Козле.

Според него, сите хоспитализирани деца се со полесни симптоми, односно полесна клиничка слика и немаат потреба од кислородна поддршка, но сепак бројот на позитивни деца е во пораст.

Ова го потврди и д-р Драгана Емел – Марковска која е матичен педијатар. „Засега сите деца се со полесна клиничка слика. Најглем дел од нив се заразиле после патување, но имаме и такви кои не патувале надвор од државата“, посочува таа.

Во соседните земји ширењето на вирусот се зголемува, особено во Албанија и во Грција и тоа на местата кои важат за турстички центри, а во кои голем број Македонци ги поминуваат своите годишни одмори.