Расте бројот на граѓани вакцинирани со трета доза против Ковид-19

Бројот на граѓани кои примиле трета доза против Ковид-19 е во постојан раст. Статистичките податоци на здравствените власти во државата покажуваат дека само во петок трета доза примиле 4 720 граѓани, односно 638 граѓани примиле прва доза, додека 1 472 се ревакцини. Заклучно со петок вкупно се вакцинирани 801 326 граѓани, ревакцинирани се 769 356, а трета доза примиле 10 386 граѓани.

Како што информираат од Министерството за здравство, 57 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 осто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Од друга страна состојбата со позитивните случаи со Ковид-19 не е променета многу. Од последните тестирање повеќе од десет проценти биле позитивни на Ковид-19, односно од вкупно 4 151 тестирање вчера, 482 граѓани биле позитивни на корона вирус. Институтот за јавно здравје истакна дека вчера како оздравени се регистрирани 280 пациенти.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата  достигна 199 539,бројот на оздравени пациенти е 186 211, на починати е 7 036, а бројот на активни случаи изнесува 6 292.