Расте бројот на банкротирани фирми

Бројот на банкротирани фирми во земјава се зголемува, регистира Народната банка на Република Македонија во извештајот за финансиската сабилност за 2017. година. Растот се должи на тоа што повеќе фирми во минатата година отишле во стечај.

-Постоечките економски субјекти забележаа поголема стапка на излез од пазарот, претставена преку зголемување на бројот на правни лица над кои е отворена стечајна постапка. Оттука, во 2017. година дојде до раст на стапката на банкротирани правни лица од 2,1 отсто на 3,2 проценти, се вели во извештајот.

Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков смета дека постојат повеќе фактори за овој раст. Вели дека компаниите можеби не ги почитувале правилата и законите, што довело до банкрот. Влијание можеби имала и политичката криза и неетичко работење кое може да придонесе до намерно затворање. Според него, можеби е подобро фирмите кои немаат континуирана ликвидност да се затворат, за да се обезбеди втора шанса.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија, пак, сметаат дека бројот на банкротирани фирми во последните две години е резултат на административно бришење на неликвидни правни субјекти од минатото.

-Сметаме дека оваа состојба претставува „аларм“ на државата по однос на тоа какви политики и законски решенија предвидува. Во оваа тешка состојба мора да се преиспитуваат рестриктивните законски обврски кои им се наметнуваат на бизнисите преку воведување на низа административни постапки, велат од Стопанската комора на Северозападна Македонија.

На удар се и граѓаните. Заклучно со март годинава во Македонија имало над 80 илјади граѓани со блокирани сметки. Сепак, за 14,4 отсто намален е бројот на компании со блокирани сметки.

Според НБРМ, домаќинствата потешко ги враќаат кредитите. Просечниот Македонец има кредит од 1.169 евра, а за една година се задолжил за дополнителни 119 евра.