Расплет на случај од 2016: Одобриле неплатено отсуство, па го поништиле и не го известиле барателот

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Љ.А.(65) и А.Н.(42), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Пријавените, во текот на 2016 година, во својство на директор и секретар во Јавната здравствена установа „Општа болница“ во Охрид, на вработен во болницата му издале решение за неплатено отсуство, а потоа донеле незаконито решение со кое претходното решение за неплатено отсуство се става вон сила, за што оштетениот не бил известен.

По негово недоаѓање на работа во текот на три последователни работни денови, пријавените донеле одлука со која на оштетениот му го раскинале договорот за вработување.

Со ваквите дејствија пријавените го оштетиле фондот на ЈЗУ„Општа болница“ Охрид за износ од 883.648 денари, кој треба да му го исплати на оштетениот со правосилна судска пресуда.