Расеани граѓани се почесто забораваат лични работи по автобусите, такси-возилата, но и на клупа во парк или на пулт во продавница

Расеани, замислени граѓаните се почесто забораваат лични работи по автобусите, такси-возилата, вагоните, авионите, но и на клупа во парк или на пулт во продавница.

Што најчесто се губи, но и каква е навиката за пријавување пронајдени предмети. 

Во ЈСП веќе подолго време функционира служба во којашто шоферите од градскиот превоз ги предаваат пронајдените предмети што патниците ги забораваат во автобусите. Според вработените во службата таа функционира одлично со тоа што кога ќе добијат некој паричник или ташна, тие проверуваат дали има лични документи во неа за да можат да му ја вратат на сопственикот, што и најчесто успешно го прават, а се работи за некој ранец, чадор или предмет чија сопственост не може да се докаже, тие ги складираат во простории на службата кои се за таа намена и тука стојат се додека сопствениците не се јават да си ги побараат. 

Многу често се случува патниците да забораваат и храна или зеленчук, а возачите на автобусите ги предаваат и тие работи, но таквата стока не ја чуваат повеќе од еден ден и потоа се фрла. Ако ви се случи во автобус на ЈСП да заборавите нешто, јавете се во нивната служба.

Од МВР пак велат дека по станиците граѓаните поретко пријавуваат пронајдени предмети. Секоја станица ги чува овие предмети на неопределено време, односно додека сопственикот не дојде да го побара или да го пријави за изгубено. Во тој случај се споредуваат двете пријави за пронајденото и изгубеното и ако се совпаѓаат, предметите му се предаваат на сопственикот. Најчесто граѓаните пријавуваат пронајдени лични карти, паричници со лични документи, клучеви од автомобили.

Доколку пронајдете тешто, веднаш однесете го во најблиската полициска станица, затоа што кога вие би се нашле во ситуација да изгубите нешто, би биле среќни кога би си го пронашле изгубеното, па макар било тоа и во полициска станица.

Само внимавајте да не изгубите нешто додека патувате со воз. Во Македонски железници служба за пронајдени и изгубени работи не постои. 

Забораваме работи и во такси-возилата. Доколку возачот забележи дека патникот нешто заборавил, пронајдениот предмет го носи во диспечерскиот центар. Подоцна, по барање на патникот, доколку се јави да го побара изгубеното, му се доставува до дадената адреса. Најчесто луѓето во такси-возила забораваат очила, чадори, кеси со работи кои ги пазарувале, а поретко и паричници, мобилни телефони или чанти.