Расчистени 24 кривични дела- измама, кривична пријава за измамникот и помагателот

Тетовската полиција поднесе кривична пријава за кривично дело измама за 44-годишник од Тетово и 45-годишник од скопска Копаница за помагање како осомничени за вкупно 24 измами. Двајцата правеле измами така што се јавувале кај луѓе и лажеле дека се случила сообраќајка и барале пари за да се спасат нивните блиски.

-Првопријавениот Р.М. (44) од Тетово  во периодот од ноември минатата година до втората половина на јануари годинава, претставувајќи се како бизнисмен од Турција, со приказни за наводно случени сообраќајни несреќи, телефонски измамил повеќе лица вработени во фирми од Бугарија, Србија, Албанија и Косово. Пласирајќи им лажни приказни дека нивни вработени, најчесто возачи, загинале или се тешко повредени во сообраќајни несреќи и дека се потребни пари за погреб или лекување тој успеал да се стекне со противправна парична корист од околу 9.000 евра. Парите преку филијали на извесна фирма ги подигнувал С.Ш. (45) од Копаница  и потоа му ги давал на Р.М., а тој, пак, за услугата му плаќал од 50 до 100 евра, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Кривичните дела за двајцата осомничени се согласно членот 247 од Кривичниот законик.