Расчистен случајот со насилството врз малолетничка во Аеродром: Поднесена кривична пријава против четири деца и пет родители

СВР Скопје целосно го расчисти случајот од 30.06.2026 во 21:40 часот во парк во општина Аеродром, кога 12-годишно девојче, беше физички нападнато од малолетнички, а други присутни малолетници снимале со мобилни телефони.

Од МВР денеска информираа дека од страна на ОКР Аеродром и Драчево во содејство со ОКР Кисела Вода до ОЈО Скопје била поднесена кривична пријава против две малолетнички за сторено кривично дело „насилство“, против еден малолетник за сторени кривични дела „поттикнување“ и „неовластено снимање“, против еден малолетник за сторено кривично дело „неовластено снимање“, како и против родителите И.В., М.В., М.П., И.А. и И.А. за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“.

Инаку станува збор за случајот кој ја вознемири македонската јавност, а кој беше споделен преку видео-снимки од инцидентот на кој што се гледаше како поголема група на малолетници снима и поттикнува насилство врз 12-годишното девојче кое беше жртва.