
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели дека неговиот најдраг проект, салата Расадник, од денес повторно ќе биде гордост на Скопје, откако денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт, Борко Ристовски, како и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска присуствуваа во официјалното пуштање во употреба по реновирањето.
„За мене, ова е еден од оние проекти кои се носат со посебна емоција, затоа што зад него има спомени, борба, верба и многу љубов, но и доказ дека големите работи се остваруваат со многу труд, работа и посветеност. Расадник е име кое многу значи. За Кисела Вода, за Скопје, за Вардар, за македонскиот спорт. Оваа сала памети славни спортски моменти. Памети големи натпревари, полни трибини, победи, радости, навивање до последен здив и спортски приказни кои и денес се прераскажуваат. За многумина од нас, Расадник никогаш не беше само сала. Беше симбол. Симбол на спортски дух, на заедништво, на борба, на Вардар, на Комити, на една црвено-црна енергија која не се објаснува со зборови, туку се чувствува. Затоа и болеше кога ова место три децении беше оставено да пропаѓа“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

Вели дека кога бил градоначалник на Кисела Вода, ја затекнале салата во состојба во која не смеело да биде оставен ниту еден ваков спортски симбол.
„Руинирана. Демолирана. Небезбедна. Со долгови. Без живот. Без перспектива. Искрено, многумина тогаш не веруваа дека Расадник може повторно да се врати“, раскажува Ѓорѓиевски, кој додаде дека тие сепак верувале и дале збор дека ова место нема да остане заборавено.
Градоначалникот на Скопје исто така нагласи дека процесот не бил лесен, но вредело и дека од сала оставена на времето, почнале да создаваат место кое повторно ќе има живот.

„Денес, со силна поддршка од премиерот Христијан Мицкоски, Владата на Македонија и министерот за спорт Борко Ристовски - човек кој одлично знае што значи Вардар, што значи спорт и што значи борба за дресот, оваа сала конечно повторно стои исправено. Од денес, Расадник повторно ќе биде дом на Вардар. Како што ветивме. Повторно ќе има тренинзи, натпревари, победи, емоции, црвено-црна страст и верни Комити кои знаат како се сака клуб, град и дрес“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека денес Расадник е модерна спортска сала со обновен терен, уредени трибини, нови соблекувални, простории за стручните тимови, теретана, придружни спортски содржини и сопствен систем за греење и ладење, за да функционира нормално во текот на целата година како и прекрасен плоштад.

„Нека е аирлија Расадник. Нека е аирлија старо-новиот дом на Вардар, заедно со градоначалниката Бети Стаменкоска Трајкоска, нека создаваат убави спомени за нашата Кисела Вода“, порача Ѓорѓиевски.