„Со огромна чест сакам да ве информирам дека изградбата на нова, современа детска градинка во населбата Расадник, се одвива со одлична динамика, сподели преку социјалните мрежи градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Објектот ќе има капацитет за 120 дечиња и ќе се простира на површина од 800 квадратни метри, со вкупно 6 занимални, од кои 2 се наменети за јасли.
Како што Ѓорѓиевски посочи во објавата, оваа градинка е дел од нивната цврста заложба за целосно затворање на листите на чекање за прием во детски градинки на територија на Општина Кисела Вода.
„Кога ја презедов функцијата, се соочивме со бројка од повеќе од 400 дечиња кои беа на листите на чекање. Со изградбата на оваа градинка, како и со новите објекти во 11 Октомври и во Потстаница, обезбедуваме место за секое дете, а ќе имаме и можност да примаме дечиња и од другите општини. Обезбедуваме топол, безбеден и модерен простор за секое дете, но и големо олеснување за секој родител, истакна градоначалникот.
Тој додаде дека ова не е само инвестиција во инфраструктурата, туку дека е инвестиција во иднината, а со тоа го исполнуваат ветувањето кое го дале пред граѓаните, дека децата ќе бидат приоритет број еден.
Во објавата Ѓорѓиевски им се заблагодари на Владата на Република Македонија, на премиерот Христијан Мицкоски, на Министерството за труд и социјална политика, и на сите институции и луѓе кои се вклучени во реализација на овој проект.