Ран корморан акција за најповолните Д фестивал влезници

Д ФЕСТИВАЛ, единствениот летен open-air фестивал кај нас ја продолжува својата традиција најавувајќи го и годинашното, седмо по ред издание, кое ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран, а наскоро почнува и продажбата на најповолните влезници за фестивалот! Во среда, на 5-ти април точно на пладне стартува специјалната акција на Д ФЕСТИВАЛ со првите т.н. РАН КОРМОРАН билети за фестивалот кои ќе се продаваат само во ограничен број. Оваа акција е начин на кој Д Фестивал ја наградува довербата на првите и свои најверни посетители, кои ќе имаат прилика да ги набават фестивалските „all-inclusive“ влезници по најповолната цена од само 600 денари!

Сите оние кои ќе ги купат своите билети во рамки на РАН КОРМОРАН акцијата, покрај тоа што својот тридневен билет за фестивалот ќе можат да го купат по најповолната цена, добиваат и бесплатен камп, а дополнително учествуваат и во извлекувањето за специјалните „златен комарец“ пакети кои на најсреќните четворица посетител ќе им донесат многу различни поволности на фестивалот како бесплатен автобуски превоз, посебно организирани дојрански гоштавања, подароци, ваучери и други изненадувања за незаборавно Д ФЕСТИВАЛ доживување, но и за неколку други значајни фестивали кај нас и во регионот. Добитниците на специјалните „златен комарец“ пакети ќе бидат објавени на 10-ти април.

Подгответе се за новото фестивалско лето на Д ФЕСТИВАЛ и бидете навистина брзи, бидејќи бројот на овие влезници е ограничен, а акцијата ќе се спроведува САМО ОНЛАЈН и САМО 48 ЧАСА од стартот на продажбата, по што од петок 7-ми април продолжува стандардната продажба на билетите по најповолната цена во сите продажни места на МКтикетс.

Со секогаш квалитетна програма, повеќе музички бини, фестивалски камп и изобилие од настани во дополнителна програма типична за големите фестивали ширум светот, а единствена по својот концепт кај нас, Д Фестивал својата уникатност ја потврдува и со двете номинации за најдобар фестивал во Европа, како втор фестивал од Македонија кој било кога се нашол во трката за најпрестижните фестивалски признанија. Последното издание на Д Фестивал го одбележаа одличните настапи на дури повеќе од 50 извонреди музички уметници од светската, регионалната и домашната сцена, како и рекордниот број на посетители кои воедно беа и најголемиот дел од туристичките посетители кои ја одбележаа летната сезона во Дојран. Со големината и разновидноста на фестивалската програма во која секој може да најде нешто за себе, но и да открие нешто ново, како и интересот кој го привлекува овој настан, Д Фестивал како најголем open-air фестивал во Македонија повторно се покажа како едно од најзначајните културно-туристички случувања кај нас, а традицијата ја продолжува и оваа година.

Наскоро ќе бидат објавени и првите изведувачи потврдени за годинашното издание, а не заборавајте и дека останати се само уште неколку дена за да се пријавите на отворениот повик да ни се придружите на Д Фестивал, и тоа во различни сегменти од креирањето на фестивалот.

Придружете ни се и следете ги сите новости на официјалниот „Фејсбук“ настан за Д ФЕСТИВАЛ 2017.