Рамиз Мерко и двајца вработени во Општина Струга добија кривични пријави поради несовесно работење во службата

Поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко и двајца вработени во општината добија кривични пријави за несовесно работење во службата.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека ОВР Струга поднело кривична пријава против Р.М.(69), А.Б.(40), двајцата од Струга како и против Н.Р.(57) од струшкото село Поум поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Пријавениот Р.М., поранешен градоначалник на општина Струга, за време на мандатот ја искористил својата службена положба и овластување на тој начин што со пропуштање на должен надзор постапил спротивно на Законот за градење и противправно потпишал одобрение за градење на катастарска парцела во струшкото село Мислешево.

Второ и третопријавениот, од позиција на советник во Секторот за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животна средина и помошник раководител на истиот сектор, претходно незаконски го изготвиле одобрението и врз основа на некомплетна документација, без приложен идеен проект, одобрението било издадено спротивно на Законот за градење.