Ракометарите заминаа за Загреб (ФОТО)

Македонската репрезенатација во ракомет, предводена од Раул Гонзалез, рано утрово замина за Загреб, каде што во сабота 13 јануари ќе го одигра првиот натпревар од групата Б против селекцијата на Словенија. Во нашата група на Европското првенство се уште и селекциите на Црна Гора и Германија, со кои се среќаваме на 15 и 17 јануари.

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија со себе поведе 19 ракометари, проверени сили: голманите Борко Ристовски, Никола Митревски, Златко Даскаловски; бековите Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Филип Талески, Филип Лазаров, Немања Прибак, Мартин Велковски, Филип Кузмановски; крилата Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Гоце Ојлески; кружните напаѓачи  Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Маркоски; а во одбраната Аце Јоновски и Велко Марковски.

Сепак, дали ќе гледаме годинава ракомет или не, се уште е неизвесно.

Иако по изјавата на градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ дека сите долгови се подмирени и Европското првенство во ракомет нормално ќе се одржи во загрепска „Арена“,синоќа од компанијата Ингра стигна жесток демант и ултиматум кој повторно ги вознемирува љубителите на ракометот.

„Долгот не е платен и им давам рок на Град Загреб и на Владата на Хрватска до петок да ги подмират своите долгови, инаку ракомет во „Арена“ нема да се игра. Ни се должат 25 милиони куни, од кои преку 17 се затезна камата која се насобрала во последните седум години. Доста ни е преку медиуми да се натегаме со Градот и Владата. Ако долгот не се плати до петок, ќе го раскинеме договорот и ќе побараме да ни се платат и пенали од 150-170.000 евра, како што е пропишано со договорот“, изјави за хрватските медиуми, Игор Опенхајм – претседател на компанијата Ингра.