Радмила Шеќеринска е новиот заменик генерален секретар на НАТО

НАТО објави дека поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе стане нов заменик генерален секретар на воената алијанса.

„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар. Таа е вистински посветена на НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога“, изјави шефот на Алијансата, Марк Руте.

Пополнувањето на заменичката позиција беше еден од приоритетите на генералниот секретар Марк Руте, кој ја зазеде функцијата на 1 октомври.

Шеќеринска е поранешна министерка за одбрана (2017-2022 година) и вицепремиерка за евроинтеграции (2002-2006 година) во Владите кои ги предводеше СДСМ. Од 2006 до 2008 година беше и претседател на СДСМ.