Работник му се пожали на Шилегов: Само 9 000 плата, а 3 месеци ја немам земено

Сезонските работници во о. Чаир вчера му се пожалија на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов дека земаат плата од 9.000 денари, а и таа им доцни три месеци. Тој низ насмевка им рече „На лошо место работите“ и за да ги утеши им најави дека од после Нова година платата ќе им биде 14.000. Кога дојде градоначалникот на Чаир, Шилегов го прегрна и му посочи да им дава плата.

- 9 илјади денари плата, а 3 месеци плата не ни дадовте, Шилегов. 3 месеци плата не ни дадовте. 3 месеци плата не ни дадовте, му посочил еден од работниците, јавува ТВ21.

По кратко време пристигнал и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу кој изјавил дека немало доцнење на платите и дека се исплатувале навреме, додавајќи дека минималната плата е одредена со претходниот буџет.

- Платата за сезонските работници е 9 илјади денари. Таа е одредена со претходниот буџет со предвидената програма. За наредниот буџет во тек е подготовката и ќе има покачување на платите, рекол Ганиу.