Кошаркарите на „Работнички“ го совлада тимот на „МЗТ Скопје“ со 87:84 и по девет години ја освоија шампионската титула по 15-ти пат во историјата. „Центарци“ го совладаа досегашниот шампион со 3:0 во финалната серија и без пораз ја прекинаа доминацијата на тимот од Аеродром. „МЗТ“ од 2012 година шест пати за ред го освојуваше првенството, а а како утеха за сезонава им останува освоениот Куп на Македонија.

Слично како и на претходните мечеви, „МЗТ“ потклекна во последната четвртина. Работнички на осум минути до крајот за прв пат поведе 64:63 и потоа умешно ја чуваше предноста. Натпреварот влезе во драматична завршница, „МЗТ“ се обиде со чести фаули да го сврти резултатот во своја корист, но домаќините останаа смирени во изведувањето на слободните удари и на крајот стигнаа до победа од 87:84.

Костов со19 поени беше прв играч кај „Работнички“, Караџовски забележа 17, а двоцифрен учинок имаа и Робинсон (13 поени), Гинјард (12 поени) и Чековски (11 поени).

Бојиќ со 17 поени беше најдобар поединец во редовите на „МЗТ“ , Стојановски реализираше 16 поени, а Лалиќ еден помалку.

Ако ја погледнеме целата сезона, со само два порази, тогаш навистина ова е подвиг за голем респект… Но, ако ја издвоиме само финалната серија, без разлика на убедливите 3-0, мора да искажам огромна почит за игрите на МЗТ, посебно и на овој последен натпревар.Три тешки, израмнети меча. Но, кога се ќе се собере и одземе сосема заслужено стигнавме до круната. Го вративме пехарот таму каде што му е местото!истакна тренерот на шампионот, Марин Докузовски.