Работна средба на Пендаровски со претставници на граѓанскиот сектор со цел финализирање на МКД2030

Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа работна средба со претставници на граѓанскиот сектор со цел финализирање на Рамката за развој МКД2030, што се изготвува на негова иницијатива, информират од неговиот кабинет. 

Посочувајќи на потребата за заедничка платформа која ќе претставува долгорочна визија за развојот и иднината на земјава, претседателот Пендаровски истакнал дека се планира МКД2030 да биде платформа за која ќе има национален консензус околу приоритетите каде треба да инвестираме и каде да ги насочиме нашите ресурси, со фокус за иднината, а со цел напредок и подобар живот за граѓаните.

Претседателот Пендаровски изразил благодарност до присутните за прифаќањето на поканата да дадат придонес во финализирањето на стратешкиот документ и во изнаоѓањето на квалитетни и одржливи решенија за развојот и иднината на Република Северна Македонија.

Денешната работна средба, се посочува во соопштението, е дел од финалните консултации со истакнати стручни лица од земјава и странство во процесот на изработка на стратешкиот документ. Досега беа реализирани работни средби со претставници од бизнис секторот, експерти од областа на економијата и финансиите, академската заедница, граѓански и меѓународни организации и истакнати професионалци од повеќе области.

Рамката за развој МКД2030 официјално ќе биде промовирана во средината на годинава, и ќе биде доставена до Владата како основа за Националната развојна стратегија 2022-2042.