Работиме само за да јадеме

Кога последен пат сте си купиле нови чевли? Бевте ли на годишен одмор годинава?

Доколку се земат во предвид статистичките податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) и Сојузот на синдикати (ССМ), произлегува дека голем број граѓани во Македонија не можат да си дозволат многу работи.

Имено, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2015 година е 22,8 отсто.

За четиричлено семејство, прагот на сиромаштија изнесува годишен приход од 164.367 денари.

Според анкета на ДЗС дури 70,2 % од македонските граѓани неможат да си дозволат годишен одмор, а повеќе од 830 илјади граѓани имаат потешкоти со плаќањето на сметки и кредити.

-Работам само за да се прехраниме. Ќе платиме сметки и толку. Ништо друго не останува. Подледен пат на одмор бев пред три години, вели скопјанката Билјана.

Според редовниот годишен извештај на Светска банка, околу 330.000 Македонци, или приближно една шестина од вкупното население во државава, се сиромашни и живеат со 225 денари на ден, па произлегува дека дел од нив нема ни за јадење.

На македонските граѓани најмногу од парите месечно, или 13.345 денари, им се потребни за храна и пијалаци, по што следуваат средствата што се трошат за плаќање комуналии и опрема за домот и одржување, за што им се потребни 10.468 денари, покажуваат последните податоци за септември од потрошувачката кошница што ја пресметува ССМ. 

Од таму пресметале дека за нормално живеење на едно четиричлено семејство се потребни минимум 32.263 денари месечно.

За хигиена се потребни 2.272 денари, за превоз 2.339, а за обувки и облека 2.087 денари.

Во реалноста овие суми се поразлични, имајќи предвид дека платите стагнираат со години, а цените одат само нагоре, па не граѓаните не им преостанува ништо друго туку да живеат од кредити и од задолжување на кредитните картички.

Да не зборуваме дека секогаш излегуваат и непредвидени трошоци, за кои често немаме планирно пари.

Квалитетното живеење за повеќето граѓани одамна е само мисловна именка, па наместо квалитет за било што се бара да биде најевтино.