Тоа не е обична главоболка.
Photo by Ivan Aleksic on Unsplash
Кога некој има мигрена, тоа не значи дека станува збор за обична главоболка. Луѓето околу нас често знаат да кажат „ напиј се апче и лимонада, ќе ти помине”, но она што не го знаат е дека тоа воопшто не помага. Мигрената е многу повеќе од обична главоболка, таа носи и вознемиреност, чувство на повраќање, вртоглавица, а за многу луѓе и неможност да ги извршуваат своите обврски.
Често слушаме дека кога некој вели дека има мигрена, тоа е претерување, но навистина не е, бидејќи луѓето кои имаат мигрена имаат тешкотии да гледаат во светлина, седењето на компјутер им е мачно, тешко им е да возат и да бидат надвор на сонце. Сè што им е потребно е да лежат во темна соба и да чекаат овие чувства да поминат. Дотогаш, нема што многу да се направи.
Мигрената доаѓа со најава, таа трае со денови, а луѓето кои страдаат од мигрена знаат што ги очекува. Освен тоа, треба да знаеме дека некои луѓе имаат хронична мигрена дури половина од месецот.
Иако постојат одредени работи или навики кои со сигурност ја предизвикуваат мигрената, сепак постојат и одредени нешта за кои не сме ни свесни. Но, кога таа ќе нападне навистина е тешко да се функционира. Затоа и луѓето со мигрена ќе ги видите нервозни и вознемирени, затоа и ќе откажат излегување или пак ќе се јават на работа дека се болни, бидејќи едноставно не можат да функционираат.