Работа во Хрватска: Младите тргнаа по повисоки плати, но има и многу „извисени“

Ниските плати во земјава и натаму причина младите да бараат подобра егзистенција надвор од границите. Во последно време се поатрактивна дестинација за заработка е Хрватка.

Само во неделата дури 13 автобуси, односно над 650 лица од земјава заминале на печалба во Хрватска.

Дел од нив, особено студентите, одат на сезонска работа, а велат дека остатокот од годината ќе го живеат со спечалените пари. Има такви кои велат дека сакаат да останат таму доколку им се погоди работата.

За во Хрватска се бараат келнери, шанкери, кувари,пица-мајстори, гиро-мајстори, садомијачи, продавачи на сладолед, презентери на вино, но и продавачи за во маркет...Има понуди и за работа на јахти, каде се крастари со месеци.

Бурни реакции на граѓаните за „егзодусот“ на младите од Македонија:

- Ќе заминат, се знае се му е платено таму и чиста плата од околу 1.000 евра му останува. Тука треба да работи за 300 евра, а млади се сакаат и да видат нешто ново, да прошетаат.

- Не ја менувајте државата, менувајте ја власта!

- Браво за младите кои храбро се борат за подобра егзистенција. Но, ова е шлаканица за оние бизнисмени од угостителството кои сакаат некој за трошка леб да им работи, па дури и бакшишот да им го дава.

- Додака власта си покачува плати за 78%, нашите деца ќе одат да печалат во другите земји. Жално и срамно.

На социјалните мрежи се реагира и дека не секогаш условите за работа во Хрватска во екот на сезоната се „мед и млеко“. Велат се работи напорно, а има и такви кои останале извисени за плати.

- Не е сјајно и таму. Познавам многумина кои уште од лани не може да си ги добијат платите.

- Таму се работи со саати на нозе. Првиот оброк е на пладне, вториот кон полноќ. Се сместуваат по 10 луѓе во куќа со еден тоалет. Оброкот кој наводно им е обезбеден од работодавачите е мизерија.

- Секој втор е излажан од посредници и за плата, и за услови и за работни часа. Но и односот е никаков.