Работа од дома - светски тренд кај младите, кој се повеќе зема замав и во Македонија

-Јас сум дипломиран економист. Две години седев дома без работа, а потоа наоѓав нешто за едвај 12.000 денари плата. Случајно аплицирав за работа од дома во една американска фирма. И така започна се. Еве веќе три години, домот е мојата канцеларија, раскажува Милена.

Заработувачаката е многу добра, велат оние кои работат од дома.

-Онаа плата која што ја земам работејќи на интернет од дома, можам да ја сонувам во Македонија. Таму има место за сите. Доволно е само да поседуваш одредени вештини, кои инаку лесно се учат, вели Марта од Скопје.

Како ви започнува работниот ден? Дали патот до вашата работа ви е 30-минутен пекол? Дали ги поминувате овие 30 минути во автобус, а би сакале со кола? Дали одите со кола и заглавувате во најголема гужва и посакувате да одите пеш? Одите пеш и посакувате да носевте поудобни чевли? Стигнувате на работа уморни, под стрес, изнервирани, деградирани.

А потоа што се случува наредните осум часа? Имате главоболка од лошата светлина или од телефонот што не престанува да ѕвони. Сакате да се концентрирате додека колегите озборуваат. 

Се враќате дома нервозни зашто не сте ја завршиле цела работа или сте нервозни зашто сте се вратиле толку доцна? Ретко кој сака да работи, нели? Или пак ви пречи самото седење во канцеларија каде продуктивноста не е на завидно ниво?

Токму поради овие причини во светот, а во последно време и кај нас се повеќе се практикува работата од дома. Се зголемува и бројот на компании кои им дозволуваат на работниците да имаат флексибилно работно време, секој работен ден или неколку дена во неделата. 

Во САД од 50 милиони вработени лица околу 2,5 милиони работат од дома. Тие велат дека со тоа не само што штедат на транспорт, туку и на време. Анализите покажале дека времето потрошено за пат од дома до работа и обратно, вкупно на годишно ниво достигнува од 15 до 25 дена 

Ова е голема придобивка не само за работниците, туку и за работодавачите.

Работниците можат да ги извршуваат работните задачи во комфорот на нивниот дом, да ги обавуваат домашните задачи, оние што имаат деца се грижат за нив без дополнителни трошоци за дадилка или градинка.

-Откако почнав да работам од дома месечно за гориво заштедувам околу 3.000 денари, а на годишно ниво оваа сума е над 35 илјади денари, а тоа е еден пристоен годишен одмор- вели Мартин Спасовски од Скопје кој работи како програмер во домашни услови. Тој објаснува дека порано работел во канцеларија и во денот губел по минимум половина час за да стигне до канцеларија и за да најде место за паркинг, а откако е дома и многу поздраво се храни.

Бенефит од овој начи на работа имаат и странските и домашните работодавачите. Тие велат дека драстично им се намалени трошоците за канцеларија, дополнителна опрема телефони и компјутери, како и трошоците за транспорт и хранарина.

Менаџерите се жалат дека немаат доверба во контролата на работниците и дека подобро е да бидат присутни во моментот кога нивните работници ги извршуваат работните задачи.

Во земјава работата од дома иако е во зародиш сепак станува реалност. Но, сепак искуството од другите земји покажува дека секоја професија не може да се работи во домашни услови.