Пуштени 500 златни балони во чест на децата кои се лекуваат од малигнитет

Под мотото „Убаво е да си херој“, 500 волонтери денес на Плоштадот Македонија пуштија 500 златни балони во чест на децата кои се лекуваат од малигнитет. Настанот во организација на Детската клиника и невладината организација САНО е по повод „Златен септември“, месец посветен на зголемување на свесноста за детските малигнитети, објави sdk.mk.

Балоните беа пуштени во знак на поддршка и подигнување на свеста за карциномот кај децата и адолесцентите и проблемите со кои се соочуваат со цел јавноста подобро да ја разбере болеста и да ги ослободи децата од предрасуди.

„’Златен септември’ е месец кога треба да се зборува за малигните заболувања кај децата, да се подигне свеста за сите аспекти на оваа борба и за време на престојот во болницата и по враќањето во домашната средина по лекувањето.  Златната боја е боја на силата, храброста и упорноста, и е симболична боја за нашите мали, големи херои. Ракот во детството остава длабоки и трајни последици врз растот и развојот на децата, како и врз целото семејство и за жал, оваа малигна болест ги погодува децата од сите возрасти. Борбата низ која поминуваат децата, како и нивните семејства е болна, тешка и долга“, велат од Клиниката за детски болести.