„Пулс“ бил реконструиран нелегално - без проект, без надзор и без одобрение

Сите градежни зафати во објектот на дискотеката „Пулс“ во Кочани биле изведени нелегално, без проектна документација, стручен надзор и одобрение од надлежните институции, изјави вештото лице Маријана Лазаревска на денешното рочиште во судскиот процес за пожарот во дискотеката.

Како што објави МИА, Лазаревска пред судот посочила дека изведените промени не можат да се третираат како надградба, доградба или адаптација, туку како реконструкција, за која е потребно спроведување целосна законска постапка.

Според вештото лице, пренамената на објектот од магацин во угостителски објект значително го зголемила товарот врз конструкцијата и влијаела врз неговата безбедност. Во објектот биле изведени челични столбови и греди, надворешни скали и настрешница.

Лазаревска навела дека во 2012 година во објектот постоеле челични галерии со пристап преку скали, кои во 2024 година биле отстранети. На задниот ѕид била оформена бина, додека внатрешните столбови биле маскирани со гипс-картон.

Поткровјето, според нејзиниот исказ, било изведено со стаклена волна, гипс-плочи и полиуретански сунѓер, кој целосно изгорел во пожарот.

Како единствен документ што наликувал на проект, Лазаревска го посочила документот изработен од „ВЕНЦИ“ ДООЕЛ Кочани, кој се однесувал на промена на намената на објектот во угостителски објект – кабаре.

Таа, сепак, навела дека документот не ги содржел законски предвидените фази, не бил поднесен во Општина Кочани и дека ниту една од предвидените мерки не била изведена. И покрај тоа, документот бил користен во постапки пред Државниот пазарен инспекторат во 2012 година и МВР – СВР Штип при издавање согласност.

На прашање од обвинителството дали во документацијата се споменува вградување полиуретански сунѓер, Лазаревска одговорила дека никаде не го сретнала тој термин.

Во однос на големината на објектот, таа се повикала на геодетскиот елаборат од 16 март 2025 година, според кој габаритот на објектот не се менувал низ годините, а површината континуирано изнесувала околу 472 квадратни метри.

– Ова значи дека објектот никогаш немал површина помала од 300 квадратни метри, а таа бројка е исклучително важна за определување на категоријата на угостителскиот објект – рекла Лазаревска.

Според неа, објект со таква површина не можел да се третира како кабаре, бидејќи не го исполнувал условот за таа категорија. Дополнително, начинот на користење на просторот, организацијата, просторијата за гости и внатрешната опрема укажувале дека според своите карактеристики објектот припаѓал во категоријата диско-клуб.

На паузата од судењето, Александар Наунов, кој ги претставува семејствата на загинатите млади лица, изјавил дека по 17 месеци од трагедијата градежното вештачење и сведочењата на стручните лица ги откриваат, како што навел, долгогодишните пропусти и непостапувања.

– Клопчето се размотува, а одговорноста сè повеќе се зацврстува. Болно е да се слуша сето ова, но ни дава надеж дека вистината конечно излегува на виделина – рекол Наунов.

Тој ги повикал вештаците да продолжат професионално и независно да ги презентираат наодите до кои дошле.

– Не бараме ништо повеќе од вистината, но нема да прифатиме ништо помалку од неа. Фактите зборуваат, а одговорноста мора да добие име и презиме – додал Наунов.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата се смета за една од најтешките во поновата историја на земјата.