Пукање, приведување и разрешување – Скопје во 24 часа

Скопје во само 24 часа. Претседателот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека имало обид за негово убиство. Полицијата информираше дека го привела лицето кое се обидело да пука, а од градот Скопје информираа дека неговиот брат е разрешен од директорската позиција во градската Комунална Хигиена

Вечерва се случи тежок инцидент, кој по сите параметри е класична полициска монтажа чија цел беше или убиство на некој недолжен граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство и ова требаше да личи на меѓуетнички конфликт, а всушност не е ништо повеќе од борба за власт, фотелји и функции на партиите кои се дел од Владата, изјави синоќа на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упатувајќи повик до граѓаните за смиреност во, како што рече, овие тешки времиња.

– Ова нема врска со меѓуетничка нетрпеливост, туку единствено повторува борба за гола власт. Меѓу другото, подолго време добивам неформални информации кои говорат за моја елиминација која ја нарачува власта. Не придавав значење. Вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје кои беа подготвени тоа да го направат, изјави Мицкоски.

Тој обвини дека полицијата ја немало на потребното место и мистериозно се појавила помала група од 10-ина луѓе вооружени со огнено оружје.

– Тие дури направија и повеќе истрели кои се само за чиста среќа не завршија во илјадниот народ кој излезе мирно да протестира против оваа власт. Сакам да потсетам дека ваквото сценарио го најави власта, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Најави дека ќе има меѓуетнички тензии, Ако не поминел предлогот кој опфаќа асимилација и бугаризација на Македонија. Ковачевски и Спасовски во континуитет градат милитантен контекст на создавање тензии и поделба. Најава за молотови коктели, жртви и слично. И тоа откако не им успеа, а тоа беше сценариото за уфрлање на полициски инфилтрати, кои ќе предизвикаат инциденти, а за кои подоцна ќе биде обвинет мирниот и достоинствен народ. Вечерва го достигнаа врвот во својата монструозност, каде требаше да се загуби човечки живот, еден или повеќе за да тие останат на власт и што е пострашно да продолжат да крадат, обвини Мицкоски.

Подоцна Министерството за внатрешни работи информираше дека вчера во 20.10 часот пред банка спроти споменот „Скендербег“, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани.

– Е.Ј. е приведен во полициска станица, а на местото се пронајдени чаури. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопштуваат од МВР.

Градот Скопје како град на соживот и солидарност не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани. Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите, велат од кабинетот на Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие Комунална Хигиена од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност, стои во соопштението до јавноста.