Пукал кон соселанец во Шишево и го погодил во увото, приведен 43-годишник

Полицијата денеска приведе 43-годишен жител на скопското село Шишево, осомничен дека пукал кон свој соселанец и му нанел повреда.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од Полициската станица Ѓорче Петров го лишиле од слобода Г.А. (43) од село Шишево, постапувајќи по пријава добиена околу 16:10 часот.

Според пријавеното, И.Ш. од Шишево пријавил дека на влезот во селото бил пресретнат од Г.А. и С.А., по што Г.А. извадил пиштол и пукал кон него, нанесувајќи му повреда во пределот на увото.

Од МВР велат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против осомничениот.