Познатиот еколог и професор по биологија Кирил Арсовски Пржо преку објава со наслов „Скопската скриена, зелена змија“, на својот Фејсбук профил, алармира за недостатокот на зеленило во главниот град.
- Кога градот станува сива, пепелива скапаница, кога молскавично се губи зеленилото и јавниот слободен простор, останува буквално на мапа да ги бараме малите зелени простори. На самата географска граница на скопската (едвај) планина Водно, во должина од близу 5 км, на најдолните делови од падините, преживеал мал зелен коридор - го крстив скопската зелена змија. Овој појас од зеленило поради својата карактеристика - висок насип, пресечен надолу со сливен канал направен по поплавата - останува последно зеленило со континуитет во целиот овој дел на Скопје. Овој коридор - поврзан на делови со останатите долови како оној кај Трндодол и Жданец кој остро паѓаат кон градот и носат свеж и ладен воздух на лето, се буквално ноктите на кои се држи овој дел на градот од целосно печење во најтоплите денови од годината, појаснува тој во својата објава.