Првиот воз за Грција преку Пелагонија ќе може да тргне на 31 декември

Железничката пруга Битола – Кремница целосно ќе биде готова до крајот на годинава и ќе се пушти во употреба на 31 декември.

-Овој проект беше проект со многу проблеми, технички и проблеми во изведбата од изведувач кој не ги извршуваше работите, но ние вложивме голем напор, го одглавивме проектот и сега е во завршна фаза од реализацијата. Желеничката пруга со сите свои сегменти ќе биде завршена до крајот на оваа година и пуштена во употреба до 31 декември, истакна вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој вчера беше на увид во работите на пругата, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и битолската градоначалничка Наташа Петровска.

Тој додаде дека ова е проект финансиран од ИПА фондовите на Европска Унија, кој овозможува подобар живот за сите граѓани и нагласи дека со приближувањето на земјата во евроатлантските интеграции ваква помош ќе има уште повеќе.

-Овој проект има двојна улога во економијата на Република Македонија. Од една страна се подобрува инфраструктурата и дава можност стоката што се произведува во Република Македонија да има побрз пристап до Солунското пристаниште, а на граѓаните, пак, им овозможува подобра комуникација и транспорт до соседните држави. Овие проекти, исто така, го заживуваат и градежништвото во државата, влијаат врз зголемувањето на БДП, посочи Анѓушев.

Своето задоволство од изведбените работи и запазените рокови го нагласи и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

-Пругата е целосно завршена, а до крајот на годината ќе биде поставена сигнализација со што ќе биде заокружен еден проект кој го затекнавме како блокиран проект, а како Влада целосно го одблокиравме и согласно роковите до крајот на оваа година ќе биде завршен. Пелагонискиот регион ќе биде поврзан со Република Грција, ќе се овозможи брз транспорт на стоки и услуги за домашните и странски компании, истакна Сугарески и потсети дека интензивно се работи и на Коридорот 8, пругата што води кон Република Бугарија.

Тој најави дека во наредниот период ќе биде потпишан анекс на договор со кој целосно ќе се забрза изградбата на првата делница од Куманово до Бељаковце.

Според градоначалничката Петровска овој проект значи витализација и дополнителен импулс за стопанството во Битола и регионот.

Со изградбата на оваа пруга долга 16 километри, која се смета за стратешка инвестиција, по цели 32 години Македонија железнички ќе се поврзе со Грција преку Пелагонискиот регион. Инвестицијата е во вредност од 17,2 милиони евра, од кои шест милиони се грант од Европската Унија, а 11 милиони се обезбедени од буџетот на Република Македонија.

Градежните работи на пругата од Битола до Кременица ги врши компанијата СТРАБАГ Реил Гмбх во конзорциум со СТРАБАГ АГ од Австрија.