Првични наоди по вакцинирањето со бустер-доза на Фајзер

Третата засилувачка доза од вакцината против коронавирус на Фајзер го намалува ризикот од инфекција за дополнителни 80 проценти од заштитата што ја обезбедуваат првите две дози, се вели во резултатите од последното истражување на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот Јеил во американската сојузна држава Конектикат.

– Проценивме дека ризикот од инфекција е намален за дополнителни 83 до 87 проценти најмалку две недели по примањето на третата доза – потврдија истражувачите предводени од Даниел Вајнбергер.

Тимот на Јеил следел повеќе од 300.000 луѓе на возраст од 40 и повеќе години кои примиле две или три дози од оваа вакцина преку здравствената служба Макаби во Израел.

Истражувачите откриле дека 6,6 отсто од луѓето кои примиле две дози од вакцината и 1,8 отсто од оние кои примиле три дози биле позитивни од август до почетокот на октомври, што претставува намалување на ризикот за 86 отсто.