Први мај на Егејското море – многу Македонци ќе ги искористиат примамливите понуди кои ги нудат туристичките агенции

Ако за Велигден најголемиот број од македонските туристи го поминаа празникот во Банско, за Први мај тоа ќе биде на грчките плажи за што веќе се пакуваат костимите за капење и се резервираат аранжмани во некоја од туристичките агенции.

Оваа пролет македонските граѓани се оддадоа на патување. Стартуваа ударнички за женскиот празник, потоа за Велигден скијаа на терените во Банско, а деновиве голем број ги спремаат костимите за капење за да направат сефет на плажите крај егејскиот брег.

Како што информираат туристичките агенции, ако досега актуелни дестинации беа Солун, Софија, Банско, Будимпешта, Букурешт, Истанбул, Дубровник, Милано, Барселона, сега се бара место повеќе за апартмани во Грција во популарните Калитеа, Полихроно, Ханиоти, Фурка, Пефкохори...

Цените се доста примамливи и за сечиј вкус, во зависност од тоа што се нуди, дали во аранжманот се вклучени и превоз и храна. Просечно поскромните аранжмани достигнуваат во просек од 50 до 100 евра по лице, а оние што се хотелски во зависност од квалитетот на хотелската услуга имаат различни цени.

Туристичките работници укажуваат дека поголемиот дел од понудите се распродадени и апелираат доколку се заинтересирани да патуваат тоа да го сторат што поскоро.

Најатрактивниот македонски туристички град Охрид, исто така нуди интересни можности да се релаксирате за првомајските празници.

Како што велат домаќините отворени ќе бидат вратите на приватното сместување, апартманите, хотелите каде се чекаат гостите и од соседството особено традиционално од Србија, Албанија, Грција и Бугарија.

Охридските туристички работници се оптимисти и очекуваат солидна посетеност на Охрид за претстојните празници. Во просек посетеноста треба да биде нешто повеќе од 60%, при што очекуваат најбројни да бидат домашните гости оти временските прогнози најавуваат пријатни временските услови. Годинава цените се намалени и тие се во просек од 10 до 20% пониски доколку се споредат со лани.