Првата пациентка со коронавирус во земјава денеска излегува од болница

Нема нови случаи на заболени од Ковид-19 во земјава. Резултатите на седумте лица кои вчера беа тестиранин се негативни. Тринаесетте пациенти кои се сместени на Клиниката за инфективни болести се наоѓаат во стабилна состојба. Пациентката од Дебар која е на респираторна машина има значајно подобрување на параметрите по приклучувањето на механичката вентилација, но со сè уште e непредвидлива прогнозата. Сите други пациенти имаат лесна клиничка слика, вклучувајќи го и 15 годишното момче. Првозаболената пациентка денеска ќе биде пуштена на домашно лекување.

Во меѓувреме се спроведуваат мерките и препораките за справување со коронавирусот. Целиот здравствен персонал во сите јавно-здравствени установи и приватни болници е мобилизиран и ставен на располагање. Приватните болници ги ставија на располагање своите капацитети, вклучително и близу 70 легла за интензивна нега, со респираторни машини за оваа патологија. Министерот за здравство, Венко Филипче информира дека во државава има 120 респиратори од кои околу 90 во Скопје.

Се одложуваат сите хронични пациенти за кои интервенцијата може да се пролонгира. Се третираат само итните и малигните случаи кај кои исто така нема простор за одложување. Детската болница во Козле од денеска ќе прима деца кои ќе бидат евентуално заболени од коронавирус.