Првачињата и децата со попреченост од Општина Аеродром почнаа со бесплатно пливање

Во општина Аеродром успешно почна реализацијата на проектот за бесплатно пливање на првачињата и лицата со попреченост.

-За правилен и подобар психо-физички развој на најмладите Општина Аеродром го подготви и спроведе најновиот проект „Учиме да пливаме”. Најмладите ученици од општината заедно со сертифицираните спортски едукатори и своите наставници ги направија своите први чекори во овој спорт. Сите ученици покрај часовите спроведени од професионалци, добиваат и опрема за пливање (капа, очила), крпа, како и превоз на учениците од училиште до базенот и назад, соопштија денеска од општина Аеродром. 

Проектот е изработен во соработка со Сојузот за училиштен спорт на Општина Аеродром и во реализација на „Скај велнес“.

-Приоритет на Општината се најмладите. Со ова го реализиравме и нашето предизборно ветување за бесплатно пливање. Единствено низ сериозни инвестиции, чекори и иницијативи за подобрување на образовниот процес, како и вложување во спортската инфраструктура, можеме да создадеме здрава и едуцирана средина, потенцираа од локалната самоуправа.