
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, синоќа, била донесена одлука за распишување огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вечерва имаше прва редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во рамките на кадровските освежувања, Извршниот комитет донесе одлука за распишување огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и генерален избор на претседатели на сите општински комитети“, објави синоќа на својот Фејсбук профил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој информираше дека се донела одлука за избор на повеќе претседатели на партиски комисии, при што за претседател на Комисија за здравство избран е Сашо Клековски, за претседател на кадрова комисија е избран Благоја Ташаминов, претседател на комисија за безбедност и одбрана е Панче Тошковски, додека нов претседател на комисијата за туризам е Аккан Махмут.
За претседател, пак, на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје бил избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина, порача Мицкоски.