Провокации од источната страна, лидерот на бугарската партија „Преродба“ бара Бугарија да ја припои Македонија

Нова провокација од бугарска страна пристигна денес откако лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарската бугарска партија „Преродба“ која е трета политичка сила во земјата, Костадин Костадинов ја повика владата во Софија да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Преку објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржа изјавите на Доналд Трамп за Канада и Панамскиот канал и напиша дека е логично да се бара припојување на Македонија и областа Јужна Бесарабија кон Бугарија.

„Претензиите на Трамп кон Канада се целосно оправдани. Нема ништо пологично и понормално од две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и, во голема мера, ист народ, како што се САД и Канада, да станат една земја. Истото важи и за претензиите на Трамп за Панамскиот канал. Впрочем, САД се првиот сопственик на земјиштето на каналот, тие го градеа и го поседуваа до 1979 година. Затоа „Преродба“ целосно ги поддржува тврдењата на новоизбраниот американски претседател.

Иста е ситуацијата и со Македонија. Нема ништо пологично од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ да станат една земја. Сличен е случајот и со Јужна Бесарабија. Таа е дел од бугарската држава повеќе од 450 години, Бугарите се домородното население на оваа област (од 6 век) и до денес се мнозинство од населението. За споредба, Украина ја поседува Јужна Бесарабија само 34 години.

Затоа нема ништо пологично од обединување на Бугарија и Македонија во една заедничка држава, како и враќање на Јужна Бесарабија назад во Бугарија. Украина се распаѓа и на идниот мировен конгрес кој ќе одлучува за судбината на неуспешната т.н. украинската државност, Бугарија треба да ги потврди своите претензии кон бугарска Бесарабија“, напиша Костадинов на социјалната мрежа.

„Преродба“ на Костадинов, на последните парламентрани избори во Бугарија доби 12,92 отсот од гласовите и 35 пратенички места, со што стана трета политичка сила во 240-члениот бугарски парламент.