Провинцијалка во Скопје: Не дојдов тука затоа што сакав, туку затоа што морав

Темата, провинцијалци во Скопје, е слаба точка на поголемиот дел скопјани. Дел од тие “провинцијалци” се таму, барајќи подобра иднина и егзистенција за себе.

Ивана е млада девојка од Кратово. Кој го посетил градот, знае за какво населено место станува збор. Мирно и тивко. Место во кое ретко ќе наидеш на млад човек. Место каде има пензионери и ќе се најде по некоја мајка со деца, бидејќи татковците се во странство или пак работат во некој друг град во Македонија. Младите ги нема. Сите се иселени од таму. Поголемиот дел од нив веќе се во странство, а студентите се во Скопје или Штип. По завршувањето на студиите најчесто остануваат таму, бидејќи е подобро за наоѓање на работа и за живот, бидеќи во Кратово нема каде да се работи.

Ваквата е и судбината на Ивана. Таа завршила економски факултет во Скопје. Додека студирала живеела во студентски дом, и за време на студиите одела на пракса во една позната скопска фирма. Веднаш по дипломирањето Ивана почнала да работи во таа фирма.

-Размислував да се вратам во Кратово. Во родното место. Блиску до најблиските. Да не плаќам кирија и дополнителни трошоци. Но, тоа е невозможно. Во Кратово нема што да работам. Нема работа за никого. Залудно ќе ми беше школувањето. Се пресметав, и сфатив дека поисплатливо ми е да останам во Скопје. Тука животот и не е баш едноставен и лесен, како во Кратово, но сепак има работа, за оние кои сакаат да работат, вели Ивана.

Ивана вели дека често наидува на лоши коментари од страна на некои скопјани, дека е провинцијалка и дека треба да се врати назад во својот крај.

-Не знам зошто се однесуваат така. Никогаш не влегувам во расправија со никој, само сакам едно да им порачам: Јас не сум во Скопје, бидејќи тука ми е многу убаво. Јас сум тука затоа што морам. И ние од “провинција” треба да живееме и да работиме. Во нашите градови, тоа не е возможно. Дојдете и вие поминете некој ден во Кратово, па ќе ви биде јасно, зошто јас родниот град го заменив со Скопје, порачува таа.