Протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април. 

Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи. 

Семејствата на настраданите на последниот протест искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. 

За трагедијата се води опсежна истрага во која се вклучени 13 обвинители и според надлежните, извршени се голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица меѓу кои поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување.

Првично со истрагата беа опфатени 34 физички и три правни лица меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка по несреќата, двајцата претходни градоначалници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и поранешните директори на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски и Анета Симеска.

Истрагата беше проширена со нови 19 лица меѓу кои тројца поранешни министри за економија, актуелниот и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија  и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). 

Со истрагата се опфатени и полициски службеници, а државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски не ја исклучува можноста да бидат приведени уште лица до завршување на истрагата.