Протест за одбрана на МКЦ: Граѓаните гласни против партизација на културата и музиката

Денеска, пред Македонскиот културен центар се одржува протест во одбрана на оваа институција. 

Голем дел од присутните – музичари, независни уметници, љубители на музиката и културата гласно кажаа „НЕ” за смената на директорот и последниот обид да се партизира оваа институција.

МКЦ не е партиска цицка“ и „Културата е скапа! Некултурата поскапа!“, беа дел од паролите истакнати на протестот. Иако на настанот беа присутни повеќе од стотици граѓани, она што особено дава надеж е големиот број на млади луѓе кои беа присутни и гласни на овој настан. 

Според нив, најголемото незадоволство произлегува од фактот што оваа институција е единствената музичко-културна установа, а која дефинитивно не само што заслужува поголем буџет и грижа за нејзиното функционирање, туку и луѓе кои соодветно ќе ја водат. 

Присутните велат дека се изреволтирани од кратењето на буџетот за 2023 година, но и смената на претходниот директор Ванчо Богоев, долгогодишно вработен во оваа институција, кој според вработените одлично го познава МКЦ, како сите маани, недостатоци и потреби на оваа културна институција, значајна не само за главниот град, туку и за целата држава. 

На негово место беше назначен нов директор, кој само неколку дена претходно е вработен во институцијата преку Агенцијата за привремени вработувања, а е детектив по професија. 

Настанот е организиран од колективот „Гола планина” а е предвиден да трае до попладневните часови.