Протест во Скопје: Не попуштаме на притисокот на Филипче за вакцинирањето

Неколку стотици граѓани вчера протестираа во Скопје под мотото „Стоп за фашистичките мерки“, со што искажаа револт против најавените мерки од страна на здравствените власти во земјата со цел да се спречи ширењето на коронавирусот (Ковид-19).

Протестот е дел од „Светскиот протест за слобода“, кој вчера се организираше низ целиот свет во исто време, а во Скопје се одржа пред собранието на Република Северна Македонија, каде учесниците го искажаа својот став за последната најава на рестриктивни мерки на Владата, која според нив им ги загрозува правата на вработените.

Никола Кимов по професија адвокат, беше еден од учесниците на протестот кои им порача на граѓаните дека „станува збор за одземање на слобода и згрозување на правото на живот бидејќи и покрај тоа што велат дека вакцинацијата не е задолжителна сите мерки кои ги носи Владата прават таа да биде задолжителна и дека се направени кривични дела во постапката.“

„Ако некој смета дека вакцината е добра за него и за неговото здравје тоа е негово право. И може да си го користи тоа право така како што сака. Меѓутоа тие што се уверени дека не треба да ја примат вакцината, дека таа не е корисна за нив и опасна е за нивното здравје треба да останат слободни во својот став и не може никој да им наметне такво нешто“ рече Кимов.

Учесниците на протестот носеа транспаренти на кои пишуваше „Не за задолжителна вакцинација“, „И вакцинирани можат да заразуваат“, „Стоп за дискриминација“, како и „Мое тело, мој избор“.
Граѓаните протестот го продолжија пред Владата на РСМ, а откако ги испратија пораките до јавноста, мирно се разотидоа.

Потсетуваме дека на последната владина седница, една од донесените препораки е сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа, за одење на работа да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или да приложат потврда за прележан Ковид-19 не постар од 45 дена или да приложат потврда од лекар-специјалист дека не може да ја примат вакцината.

Препорака е кон овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.

 

 

 

Фото: СкопскоЕхо / Видео: Youtube - Сител