Протест во Аеродром против изградба на зграда кај „Мајчин дом“

Жители на општина Аеродром попладнево се собраа пред паркот кај Мајчин дом и го блокираа булеварот „Јане Сандански“, во знак на протест против изградбата на деветкатница.

Насобраните граѓани бараат да не се гради деветкатницата и велат дека се изреволтирани од предизборните ветувања на градоначалникот Златко Марин. Тие извикуваа „нема правда, нема мир“, а на полицијата и викаа „кого штитите“.

Од иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“, бараат оставка од градоначалникот Марин, посочувајќи дека никој не се грижи за здравјето на децата.

Градоначалникот Златко Марин, денеска на прес-конференција, рече дека не може да ги сопре градежните работи и ги повика граѓаните слободно да протестираат и искажат својот став.