Протест пред Собрание, затворена улицата - продолжи расправата за уставни измени

Во Собранието на Република Македонија продолжи расправата за Предлогот за пристапување кон уставни измени. 

Ова е трет ден од расправата за предлогот, што до Собранието беше доставен од Владата на Република Македонија, а кој произлегува од Договорот од Преспа. Според информациите од Собранието, голем дел од пријавените пратеници за збор се повлекле, но сепак, гласањето најверојатно ќе се случи во петок. 

Пратеничката Јулијана Николова од ЛДП, истакна дека одговорноста сега е на пратениците и дека сите заедно 120 пратеници треба да застанат зад одлуката за НАТО и за ЕУ. 

Според Николова, најголем проблем на пратениците од опозицијата е партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ да не се поддржат уставни измени со цел промена на уставното име. 

Од пладне повторно беше затворен сообраќајот на булеварот пред Собранието на Република Македонија поради протест против уставните измени на помала група граѓани.