Протест на Бит Пазар, Шилегов: „Трпението е при крај“

„Трпението е при крај“. Вака изјави градскиот татко на Скопје, Петре Шилегов, во врска со протестите на нелегалните трговци кај Бит Пазар, додавајќи дека протестите наскоро ќе завршат, ако трговците сами доброволно не се откажат. Тој уште еднаш апелираше до нив да престанат со протестот и да го легализираат својот бизнис за да не дојде до несакани сцени.

Од друга страна, граѓаните кои излегуваа од пазарот натоварени со торби беа револтирани поради блокирањето на патиштата. Велат дека не можат да пешачат до следната автобуска станица.

Во меѓувреме, нелегалните трговци остануваат на ставот дека нема да заминат од улицата додека не им биде дозволено повторно да ја вршат својата дејност, продавајќи на тротоарите и околу Бит Пазар.

„Нашето барање до Град Скопје е да нѐ остават да продаваме додека не се изгради Бит-пазар бидејќи внатре нема слободни тезги. Дојде Рамазан, а ние немаме што да однесеме дома. Имаме семејства, деца, нема од каде да земеме. Не сме крадци ни криминалци, ние само бараме парче леб. Тука сме веќе 30 години и наеднаш да нѐ избркаат не е в ред. Шилегов рече дека има тезги, но тој лаже. Нека дојдат на Бит-пазар и нека видат дали има или не“, рече Седат Алимовски.