Проширувањето на ООУ „Блаже Конески“ напредува според предвидената динамика - Митески на увид во градежните активности

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески информираше дека денеска извршил увид во градежните активности во ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин, каде што успешно се реализирала втората фаза.

„Работите се одвиваат според предвидената динамика, а со нивното завршување Аеродром ќе го добие едно од најмодерните, најфункционалните и најубавите основни училишта во Македонија, создадено по најсовремени стандарди за образование. Учениците веќе ја следат наставата во новоизградениот училишен објект, а со втората фаза целосно го заокружуваме проектот за проширување и модернизација на училиштето“, истакна Митески во објавата на Фејсбук.

Оваа фаза опфаќа изградба на нова спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, современа библиотека и простран хол наменет за дружење, учење и заеднички активности.

 Со реализацијата на проектот, ООУ „Блаже Конески“ ќе добие значително поголеми просторни капацитети и современи услови за настава, а со новата спортска сала училиштето ќе располага со две модерно опремени спортски сали, што ќе овозможи поквалитетна настава по физичко и здравствено образование, повеќе спортски активности и уште подобри услови за правилен развој на учениците.

Проектот опфаќа и целосно партерно уредување на училишниот двор, поставување нова урбана опрема, изградба на ново отворено спортско игралиште, хортикултурно уредување со нови садници и зеленило, како и изградба на нов паркинг за потребите на училиштето.

Дополнително, училиштето ќе биде целосно опремено со нов училишен мебел – клупи, столчиња, плакари и табли.

Вкупната вредност на втората фаза од проектот изнесува 253 милиони денари.