Прошетка по повод кампањата за борба против рак на дојка „Race for the Cure“

Здружението „Борка – за секој нов ден“ денеска организира настани во 14 градови во државава по повод кампањата за борба против рак на дојка „Race for the cure“, а во соработка со најголемата европска алијанса на пациентски здруженија „Think Pink Europe“. Централниот настан по повод кампањата ќе се одржи во Скопје со симболична обиколка околу Градскиот парк.

Освен во Скопје, настани истовремено ќе се одржат и во Битола, Охрид, Прилеп, Ресен, Кавадарци, Велес, Струмица, Гевгелија, Валандово, Тетово, Гостивар, Дебар, Колани и Виница, со ангажман на подружниците на „Борка“ во тие градови, како и мобилизација на градоначалниците на општините и жените во тие места.

„Race for the Cure“е продолжување на традиционалната розова прошетка „Напред розово„ што во Скопје се одржуваше во изминатите 11 години. Станува збор за спортски и хуманитарен настан што ги обединува луѓето погодени од рак на дојка и нивните семејства и пријатели. За време на овие три дена, излекуваните ќе го слават животот, додека учесниците ја даваат поддршката на своите најблиски. Заедно тие се сеќаваат на оние што веќе не се со нас заради најчестиот вид рак кај жените, информираат од Здружението „Борка“.

Во согласност со епидемиолошката состојба во светот и во нашата земја, кампањата, како што посочуваат од Здружението, се одвива преку глобална дигитална платформа преведена на 34 светски јазици на која луѓето ширум Европа се поврзуваат преку онлајн регистрација за прошетка или трка во нивниот град, населба, локална заедница.

– Кризата со коронавирусот нè инспирираше за прв пат во државава настанот да биде децентрализиран односно ќе се одвива во 14 градови. Настанот ќе се одвива според препораките и протоколите за заштита од Ковид-19, вели Биба Додева, претседател на Здружението „Борка“.

На настанот покрај Додева, како што е најавено, ќе се обратат и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, министерот за здравство Венко Филипче и Елизабета Ѓоргиевска, професор на Стоматолошкиот факултет и сопруга на претседателот Стево Пендаровски.