Дека македонската плата стигнува само за сметки и едвај протуркување на месецот покажуваат и официјалните статистички податоци. 

-Јас имам минимална плата. Повеќе од половина ми е потребно за да го наполнам фрижидерот. А каде се сметките? А каде е облеката? А каде се децата? Имам двајца студенти кои секој ден патуваат од Куманово до Скопје. Месечната карта е 3.000 денари. За јадење, за книги. И сопругот зема 12.000 плата. Не можеме крај со крај да врземе, вели Биљана. 

-Да не се кредитите, ништо не можеме. Јас работам на пола работно време, за плата од 6.000 денари, доволно е само сметките да ги платам. Работи само сопругот. Постојано сме во кредити. Имаме дете на факултет. Земаме кредит во септември, па го исплаќаме една година, и наредната повторно земаме друг. Инаку како би го школувале детето, раскажува Ружица. 

-Имаме само од месец за месец и тоа само ја основни потреби. Не дај боже, ако се поквари некој електричен апарат или некој да се разболи во семејството или пак да излезе некој си трет непланиран трошок. Толку, главиме тогаш, па со месеци не можеме да се вратиме во нормала, додава Лидија. 

Една просечна плата не е доволна за едно семејство да го протурка месецот.

Граѓаните велат дека не се издржува темпото на се поскапи производи и мали плати. Тие велат дека прво се трудат да си ги платат сметките па што остане за храна.

„Храната е многу скапа, денеска илјадарка вреди колку 100 денари.“

„Дома давачките ни се по 6 до 7 илјади денари, па што остане оде за храна, за облека нема шанса.“

„ Секој месец е се поскапо“, велат анкетираните граѓани.

Македонија е меѓу земјите со најниски плати.

Просечната плата во нашата земја е 358 евра (заклучно со последниот податок од Статистика), во Србија 375, БИХ 424, Црна Гора 488, Хрватска 752 и Словенија 1022 евра. Според податоци од 2015 година, во Албанија просечната плата е 357 евра, а во Косово според податоците од 2013 година просечната плата изнесува 364 евра. Овие податоци се од Државните заводи за статистика во земјите од регионот.

Во Европа по региони, платите се разликуваат. Во најповолна позиција се Западна Европа и Скандинавија каде месечните примања се над 2.000 евра. На врвот е Лихтенштајн каде износот е 5.314 евра. Во Швајцарија просекот е 3.994 евра, во Монако 3.436, Норвешка 3.212, Луксембург 3.149 евра.

Во Полска се заработува по 756 евра, Германија 2225, Франција 2.180, Шпанија 1734, Португалија 1001, Италија 1560, Унгарија 560, Литванија 585, Латвија 664, Естонија 903, Романија 457, Бугарија 376, Грција 1069 евра.

Сликата е различна во Источна Европа. Во Украина просечно граѓаните заработуваат 130 евра. Во Азарбејџан платите се 242 евра во просек, Казахстан 257 и Белорусија 272 евра.