Просечната месечна плата во февруари, изнесува над 23.000 денари – стасува ли и колку му е потребно на едно семејство за да преживее

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната месечна плата за месец февруари 2018 година изнесува 23.158 денари.

Доволни ли се овие пари за преживување од месец до месец? А што станува со оние кои имаат далеку помала плата, или едвај блиску до минималната? Како да се излезе на крај, да се задоволат сите потреби и да се преживее.

-Јас земам плата од 15.000 денари, а сопругата 12.000. Тоа е вкупно 27.000 денари. Од овие пари 7000 денари одат за сметки. Кога ќе земеме плата, првин нив ги исплаќаме. Не сакам барем за тоа да сум должен. Имаме дома двајца студенти. Бидејќи сме од Куманово, децата мораат да патуваат секој ден до Скопје. Месечна карта од 3000 денари, значи 6000 денари само за превоз, плус да имаат за јадење, тоа значи некаде околу 10.000 денари само за нив. Ни остануваат само 10.000. Од тие пари се прехрануваме, и мислиме секој месец да оставиме по некој денар на страна, бидејќи мора да се плаќаат ратите за факултет за децата. На крај на месец доаѓаме до нула. За нешто повеќе немаме. За луксузни работи, не ни помислуваме. На одмор не одиме. Имавме автомобил, но стои во гаража, нерегистриран, откако децата се запишаа на факултет. Ако во случај излезе некој допилнителен, непредвиден трошок, одам во минус со плата, но подоцна е тешко да се врати. Го враќам со месеци, раскажува Горан од Куманово.

-Тешко е. Постојано се зборува за просечна плата, а што да зборуваме ние со минимална. Јас земам 12.000 денари. Сопругата, не е пријавена. Работи само неколку дена во неделата и на крај на месецот зема околу 6.000 – 7.000 денари. Ние кога ќе ги собереме нашите плати, и тогаш сме далеку од просечната. За среќа, имаме мали деца па немаме некој поголем трошок. Платата на сопругата оди само за потребите на децата, а мојата за сметки и јадење. Нема за нешто повеќе, вели Бобан.

-Јас сум лекар. Земам плата од 20.000 денари, а сопругот работи во магацин, и зема плата од 15.000 денари. Тоа е убава бројка, но за жал, кога мораш да плаќаш кирија, излегува дека живееш од први до први или од плата до плата. Банките се секогаш тука, кога заглавуваме. Па подоцна враќаме.

-Постојано сме во кредите. Еден ќе исплатиме, друг ќе земеме. Немаме шанса за нешто да купиме, а да собереме пари во готово. И на одмор одиме така, вели Наташа.

Податоците покажуваат дека македонските граѓани лесно се одлучуваат за земање на некаков кредит од банка и речиси и да не постои семејство кое не е задолжено.