Проработеа мерните станици за бучава во Центар - граѓаните реагираат: „Нема ни едно мерење како што треба“

Општина Центар е прва општина во државата која на граѓаните им овозможува директен дигитален увид во мерењата на бучавата преку општинскиот ГИС-портал.

Со новата услуга граѓаните можат да ја следат состојбата на 30 локации низ општината, каде што се поставени мерни уреди за бучава, и на својот компјутер да проверат дали измерените вредности се во законски дозволените граници, а токму тоа го направија и граѓаните кои стојат зад Фејсбук страницата „За пристоен Капиштец“.

„Нема ни едно мерење како што треба“, реаагираат од „За пристоен Капиштец“.

Оттаму велат дека очекуваат градоначалникот ваквото решение да претстави како “уште еден негов успех“, а всушност, како што наведуваат“, било комплетен пораз, бидејќи немало едно мерно место каде што била измерена бучава во рамките на законски предвидените граници.

„Жално и поразително е ова. Живееме (те. преживуваме) во тотално безредие и самовластие, и се тешиме “ќути, има и полошо“. А колку е лесно, барем ова да се реши: Сега имаме официјален доказ за бучавата, законот овозможува инспекторот да изрече забрана за вршење дејност на оние кои тероризираат! Без одлагање, веднаш, сега“, посочуваат од „За пристоен Капиштец“.

Воедно, му порачаа на градоначалникот дека сега тој е на ред да постапи.