
ОВР Прилеп во координација и содејство со Одделот за криминалистичка полиција - Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, реализираше случај на недозволена трговија со оружје сторено од стрелачки клуб од Прилеп.
Од МВР информираат дека вчера до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесена била кривична пријава против управителот К.Ч.(43) од Прилеп, против ракувачот со оружје Т.Д.(73) од Прилеп и стрелачкиот клуб од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Во периодот од 26.01.2026 - 29.01.2026 бил извршен увид врз основа на наредба од јавен обвинител и било утврдено дека во стрелачкиот клуб биле пронајдени пет малокалибарски пушки за кои не поседуваат соодветна дозвола. Исто така, било утврдено дека управителот заедно со ракувачот на оружје, како дел од управен одбор, вршеле продажба на огнено оружје кое го поседувал стрелачкиот клуб на лица кои не поседувале дозвола за поседување на огнено оружје.
„Поради тоа, во текот на 06.05.2026 ОВР Прилеп во координација и содејство со Одделот за криминалистичка полиција - Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал и Одделот за граѓански работи од стрелачкиот клуб се одземени околу 70 малокалибарски пушки и 10 малокалибарски пиштоли, како и поголема количина на пневматско оружје со цел поведување на управна постапка пред надлежен орган“, посочија од МВР.