
Вчера во 11:20 часот на автопатот Велес – Градско, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес го лишиле од слобода Л.Б.(60) од Италија, со привремен престој во Велес.
Од МВР информираат дека при преглед на патничко возило „ауди“ со албански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени 207 ловечки патрони за кои не поседувал соодветна документација.
Известен бил јавен обвинител и инспектор за странци и по документирање на настанот против Л.Б. ќе биде поднесена пријава за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Подоцна, во 18:50 часот, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода и Т.Р.(58), З.Д.(72) и А.А.(74), сите од Италија и М.И.(62) од Скопје.
При претрес во објектот во кој престојувале италијанските државјани во Велес, извршен со наредба од Основен суд Велес, каде бил затекнат и М.И., кој бил домар, биле пронајдени и одземени ловечко оружје, ловечки патрони, поголема количина улов, пари, документација и други предмети.
„Известен бил претставник од ловечко друштво „Руен“ од Велес, при што било констатирано дека одземениот улов потекнува од кривично дело „Незаконит лов“. Л.Б., Т.Р. и М.И. биле задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно расчистување на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави“, посочија од МВР.