Пронајден и клуч од мотор поврзан со убиство - Во стан на скопјанец најдени бомба, пиштоли, куршуми и дрога

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 33-годишен скопјанец, осомничен за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

При претрес во домот на осомничениот, полицијата пронашла поголемо количество оружје, муниција и експлозивна материја.

„При претрес во домот на осомничениот, полицијата открила и запленила поголемо количество оружје, муниција и експлозивна материја која на граѓаните им е забранета – една рачна бомба „М75“ со имплементирани метални кугли со дијаметар од околу 2 мм со шрапнелско дејство, вкупно 240 куршуми со различен калибар, пиштол марка Црвена Застава со калибар 7.65 мм, со една рамка со седум куршуми, пиштол марка Берета, со рамка во која имало шест куршуми, како и околу 7 грама марихуана“, соопшти Обвинителството.

При претресот бил пронајден и клуч од мотор за кој, според Обвинителството, постојат оперативни сознанија дека бил искористен при извршување на кривично дело убиство.

„Во станот бил пронајден и клуч од мотор за кој постојат оперативни сознанија дека бил искористен при извршување на кривично дело убиство“, наведуваат од ОЈО Скопје.

Поради опасност од бегство и можност осомничениот да продолжи со вршење кривични дела, јавниот обвинител побарал да му биде определен притвор.

„Бидејќи постојат околности што укажуваат дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судот поднесе и предлог за определување на најстрогата мерка“, соопшти Обвинителството.

Оттаму додаваат дека како основи за определување на притворот биле истакнати опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши кривични дела.